ВОДИЧ ЗА ИНВЕСТИРАЊЕ

ВОДИЧ ЗА ИНВЕСТИРАЊЕ ВО ЈУГОИСТОЧЕН ПЛАНСКИ РЕГИОН

2016

[СИМНИ ГО PDF ФАЈЛОТ]

ПОЧИТУВАНИ ИНВЕСТИТОРИ,

Задоволство ни е да ви го претставиме Водичот за инвестирање во југоисточниот плански регион во Република Македонија. Целта на Водичот е да ве запознае со можностите и поволностите за инвестирање во југоисточниот регион, националните и регионалните политики и мерките за поддршка на инвестициите, како и со специфичностите на постојните индустриски зони и инвестициски локации.

Географски, југоисточниот регион ја опфаќа територијата на крајниот југоисточен дел на Република Македонија или, поточно, подрачјето на струмичко-радовишката и гевгелиско-валандовската котлина, односно долината на реката Струмица и долниот тек на реката Вардар. Регионот се граничи со Република Грција на југ и Република Бугарија на исток, а на север и запад со источниот и вардарскиот регион. Според податоците за 2014 година, во регионот живеат 173.457 жители, односно 8,48% од вкупното население во Република Македонија. Регионот има вкупна површина од 2.835 км2, односно 10,9% од вкупната површина на државата, со густина на населеност од 61,2 жители на км2. Вкупно десет општини го сочинуваат југоисточниот плански регион: Општина Богданци, Општина Босилово, Општина Валандово, Општина Василево, Општина Гевгелија, Општина Дојран, Општина Конче, Општина Ново Село, Oпштина Радовиш и Општина Струмица.

Со цел подобро да ги опфати сите потребни информации што ви се потребни за да донесете информирани одлуки Водичот за инвеститори се состои од четири дела. Во првиот дел се дадени општи информации за Република Македонија (географија, политички систем и економија) со цел да се нагласат нејзините предности како погодна локација за вашите инвестиции. Во вториот дел е претставено деловното опкружување, каде што многу детално ве информираме за правната и институционалната рамка што го регулира водењето бизнис во Република Македонија, почнувајќи од можностите за основање фирма, процесите за водење бизнис, даноците, пазарот на работна сила, градежното земјиште и недвижниот имот, како и можностите за финансиска поддршка на фирмите. Третиот дел се однесува на југоисточниот плански регион, каде што се дадени општи информации за регионот и предностите што регионот ги нуди како извонредна локација за вашите инвестиции. Во четвртиот дел се претставени секоја од десетте општини во регионот и потенцијалите за инвестиции во нив. Ви ги претставуваме основните информации за секоја општина посебно, вклучително и кратка информација за општината, сообраќајните врски, човечките ресурси и образованието, локалната економија со посебен осврт на индустриските зони и локациите за инвестиции.

Водичот е изработен во рамките на проектот „Проширување на функциите на центрите за развој на планските региони во насока на споредување на активности/услуги за поддршка на приватниот сектор“, финансиран од Министерството за локална самоуправа. Проектот го спроведуваат Центарот за развој на југоисточниот плански регион од Република Македонија.

Во Водичот ќе најдете корисни информации што ќе ви помогнат да донесете информирани одлуки за инвестирање во некоја од индустриските зони и/ или локации во југоисточниот плански регион во Република Македонија.

Со почит,

Жулиета Ѓуркова

Директор

Центар за развој на југоисточниот плански регион